Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа и поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, потпретседателот на кинескиот телекомуникациски гигант ZTE, Ксиао Минг, основачот на Пи Ворлд, Коста Петров, директорот на компанијата за јавни комуникации Расел од САД, Џејсон Мико, поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, Патрик Џефсон, асистентот на поранешниот американски претседател Роналд Реган, Мери Џо Џејкоби, директорот на Мултимод групацијата, Тафшир Авал, правникот Мухамед Мешиќ од БиХ, познат по своето познавање на над 70 светски јазици.

За време на петтата Школа за млади лидери, учесниците ги посетија општините Охрид, Вевчани и Ресен, каде од претставници на локалните самоуправи им беа преставени предизвиците со кои се соочуваат овие три општини. Младите лидери, во форма на предлог-проекти, понудија решенија за нивно надминување.

Исто така, учесниците на Школата го посетија и Геријатриското одделение при охридската Општа болница, каде донираа храна и средства за лична хигиена за старите лица сместени во оваа установа.