10th Generation – 2019

Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација беа во фокусот на Школата за млади лидери, што по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се одржа од 11 до 22 февруари 2019 година во Струга.
„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани“, рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.
На свеченото отворање на десеттата Школа за млади лидери на 11 февруари 2019 година, во Струга, покрај претседателот Иванов, се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобалната организација за професионални услуги и едукација.
Вкупно 40 учесници и над 20 предавачи од Македонија, Европа и светот беа дел од 10-та Школа за млади лидери.
Share